Николов: Ако ни е денот, може да ја изненадиме Данска - срцето ќе го оставиме на терен!

Maкедонската фудбалска репрезентација вчера ги почна подготовките за натпреварот со Данска во Копенхаген кој се игра в четврток, а повторно дел од националниот тим е Бобан Николов.

Фудбалерот на Вардар по подолго време се врати во репрезентацијата и доби место на првиот список кај селекторот Седлоски со кого соработува и на клупски план. 

„Сите знаеме што значи да се игра за репрезентација. Тоа не може да се спореди со ништо, играш за својата држава и ја претставуваш. Се надевам дека ќе биде одлично и дека со моето искуство, заедно со сите во тимот, ќе придонесам да стигнеме до посакуваната цел.

Иако, Данска е фаворит, Николов верува дека ако имаме свој ден, можеме до изненадување.

Искрено верувам дека можеме. Нормално е да се надеваме, а ако ни е денот, можеме и да изненадиме. Сите веруваме и дојдовме тука со таа цел. Нема да се предадеме, ако сите одиграме на највисоко ниво, можеме да сонуваме за пласман. Прво размислуваме за Данска, тоа е најважниот натпревар. Притисокот е на нивна страна, а ние немаме што да изгубиме, можеме само многу да добиеме. Ќе влеземе смирено, ќе го оставиме срцето на терен, па што биде нека биде.

Селекторот носи агресија и силна мотивација. Знае како да ги поттикне играчите и мислам дека тоа е голем плус за нас. Ако таа енергија се пренесе на терен, можеме многу да постигнеме.“

Натпреварот е закажан за во терминот од 20:45 часот, а ако славиме во овој дуел последна пречка за нас за место на Мундијалот ќе биде победникот од пресметката помеѓу Ирска и Чешка.