Почна формирањете на ракометната АБА – на следниот собир ќе ги викнат и клубовите!
На средбата беа разгледани повеќе модели за организација на натпреварувањето, вклучително и различни варијанти на лигашки систем. Целта на иницијативата е подигнување на квалитетот на ракометот, зголемување на конкурентноста меѓу клубовите и дополнително зајакнување на регионалната соработка. Учесниците на состанокот изразија заеднички став дека регионалните лиги треба да стартуваат веќе од септември годинава, со јасно поставени организациски правила и професионални стандарди.
Конечната одлука за форматот на натпреварувањето се очекува да биде донесена на следниот состанок, кој е закажан за април во Скопје. Тогаш треба да бидат усогласени сите клучни детали и дефиниран конечниот модел на лигите. На средбата во Скопје се очекува да присуствуваат и претставници на клубовите, кои ќе бидат вклучени во процесот на донесување на финалните одлуки.
Федерациите во меѓувреме ќе продолжат со интензивна комуникација и координација со цел успешна реализација на овој проект, кој треба да придонесе за понатамошен развој на ракометот во регионот.