Голема можност за Струга конечно да ја прекина катастрофалната серија

Со натпреварот меѓу Струга и Шкупи, денеска почнува 22. коло од Првата македонска фудбалска лига, последно од основниот дел на сезоната по што следува третиот, одлучувачки круг.

Двојниот шампион на Македонија пред своите навивачи ќе се обиде да ја прекине серијата од пет натпревари без победа поради која се чини дека испадна од игра за шампионската титула. Шкупи одамна е испаднат и сезоната ја игра само формално, со едвај еден освоен бод.

Последниот триумф, Струга го оствари на 5 декември на гости кај Тиквеш со 1-0, тогаш беше во серија од шест победи и се чинеше дека ја има вистинската формула за нова шампионска титула. Сепак, новата година донесе низа разочарувања, освоени само три бода во пет кола што доведе до голема негатива во однос на Шкендија и лидерот Вардар. Со оглед на тоа што третото место не носи настап на европска сцена претстојната година, Струга секако ќе мора да се насочи на Купот на Македонија каде во четвртфиналето за противник ја има Шкендија.

За Шкупи нема што посебно да се зборува, се наоѓа во серија од 12 порази и во прашање е доведена егзистенцијата на клубот, односно неговото натамошно функционирање. Минатата сезона, кога беше конкурентен, успеа двапати да ја победи Струга во првенството, но оваа кампања, загуби во првата меѓусебна пресметка, одиграна во октомври, со 1-2.

Натпреварот во Струга почнува во 13 часот, а останатите натпревари се играат од утре до вторник по што ќе се знае распоредот за третата фаза.