Претседателот на УЕФА во посета на ФФМ - потврда за поддршката за макфудбалот!

Претседателот на Европската фудбалска федерација (УЕФА), Александар Чеферин, денеска престојува во официјална посета на Фудбалската федерација на Македонија и тоа на специјална покана од првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Посетата се оценува како потврда за силните односи меѓу двете организации, како на институционално, така и на лично ниво, при што македонската Куќа на фудбалот ужива висок углед во рамки на европското фудбалско семејство. Во состав на делегацијата предводена од Чеферин се и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации во УЕФА, како и Денис Бастари, раководител за развој на националните асоцијации.

Првиот човек на европскиот фудбал ќе оствари средби на највисоко државно ниво, меѓу кои и со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски. По овие средби, предвиден е и работен состанок во просториите на ФФМ. Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за развој на фудбалот во земјава, со акцент на реализација на инфраструктурни проекти и унапредување на младинските категории.

Од ФФМ потенцираат дека посетата на Чеферин претставува значаен сигнал за поддршката што УЕФА ја дава на македонскиот фудбал, како и дополнителен поттик за реализација на нови проекти и иницијативи, со цел подобрување на условите за развој на спортот на сите нивоа.