Македонија денеска ќе дознае каде и против кого ќе игра на ЕП!

Денеска со почеток од 18 часот во Катовице, Полска ќе почне ждрепката за Европското првенство во ракомет жени на кое ќе учествува и Македонија.

Македонските ракометарки се изборија за настап на трето последователно Европско првенство кое во декември оваа година ќе се игра во пет држави, Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција.

На шампионатот ќе учествуваат 24 репрезентации кои ќе бидат поделени во шест групи со по четири репрезентации. Македонија ќе биде влечена од последниот шешир во кој се уште и селекциите на Хрватска, Србија, Исланд, Украина и Грција. Тоа значи дека ниту една од нив не може да ни биде противник.

ШЕШИРИ ЗА ЖДРЕПКАТА
1: Норвешка, Данска, Унгарија, Франција, Шведска, Холандија
2: Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Шпанија, Чешка
3: Турција, Словачка, Словенија, Швајцарија, Австрија, Фарски Острови
4: Хрватска, Србија, Исланд, Македонија, Украина, Грција

Групната фаза ќе се игра во шест градови, веќе се знае дека Унгарија ќе биде во групата А која ќе се игра во Орадеја (Романија), Романија е во групата Б во Клуж-Напока, Турција ќе биде во групата Ц во Анталија, Чешка во групата Д во Брно, Полска во Е во Катовице и Словачка во групата Ф во Братислава.

Европското првенство почнува на 3 декември, а финалето се игра на 20 декември. За Македонија ова ќе биде девето учество, а трето последователно.