Данска на прагот да стане апсолутен светски ракометен владетел

Денеска во 18 часот во Хернинг се игра големото финале на Европското ракометно првенство кое, патем, е реприза на финалето од Олимписките игри во Париз.

Се среќаваат две ракометни суперсили - Данска и Германија кои ќе се обидат да стават крај на постот на континенталните шампионати. Данците не биле европски прваци од 2012, а Германците од 2016 година што за селекции како нив е навистина долг период. Двете репрезентации имаат по две титули на овие првенства, а една од нив ќе се искачи на третото место по бројот на трофеи, зад Шведска и Франција.

За Данците влогот е нешто поголем во однос на германската репрезентација. Скандинавците имаат можност да го повторат големиот успех на Франција и да станат втора селекција во историјата која ќе ги обедини сите титули и ќе стане апсолутен владетел во светскиот ракомет. Тие веќе го имаат во своја сопственост олимпиското и светското злато, а четири пати по ред се планетарни прваци.

Германија е актуелен олимписки вицешампион, но резултатите на останатите големи натпреварувања последните години не воодушевуваат. Медал од светските првенства нема од 2007 година, а последниот голем успех на континенталните шампионат е спомнатиот, од 2016 година кога ја освои титулата.

Данска е домаќин на финалето, сигурно ќе има огромна поддршка од публиката, но ова ќе им биде можеби најголем предизвик последните години. Двете селекции се сретнаа пред неколку дена во главната фаза и тогаш славеше Данска со 31-26.

Пред финалето, во борба за третото место ќе се сретнат селекциите на Хрватска и Исланд.