Ембид како во старите денови, Шарлот во серија каква што немале – 10 години (ВИДЕО)

Екипата на Филаделфија стигна до победа над Њу Орлеанс (124-114) благодарение на фантастичниот Џоел Ембид, кој мечот го заврши со 40 поени и 11 скока, додека Шарлот продолжува со одличната форма и врза шест победи по ред.

Без суспендираниот Пол Џорџ, „седумдесет и шестките“ имаа проблеми да го скршат отпорот на Пеликанс, но американскиот репрезентативец со француско-камерунско потекло ја презеде одговорноста во финишот. Центарот постигна дури 17 поени во последната четвртина и ја осигура победата за својот тим. Кај Њу Орлеанс, Садик Беј беше најефикасен со 34 поени.

Во одличен ритам е Шарлот, кој го победи и Сан Антонио со 111-106 и стигна до шеста победа во низа – нивна најдолга серија во последната деценија. Хорнетс успеаја да го лимитираат Виктор Вембањама на 16 поени и осум скока, додека Брендон Милер го предводеше домашниот тим со 26 поени и осум скока. Спарс ги предводеше Дилан Харпер со 20 поени. Со 22 победи, Шарлот моментално е на 11. место на Истокот и е само на две победи од позициите што водат во плеј-ин фазата.

Минесота ја продолжи победничката серија на четири натпревари со убедлив триумф над Мемфис (131-114), предводена од Ентони Едвардс со 33 и Џулиус Рендл со 27 поени. Чикаго погоди дури 20 тројки и го совлада Мајами со 125-118, додека Хјустон славеше против Далас со 111-107, по клучниот кош на Алперен Шенѓун во финишот. Кај Маверикс, дебитантот Купер Флег постигна 34 поени. Во останатите средби, Индијана ја победи Атланта со 129-124.

ФОТО: X / @sixers