Скандал во Загреб: Хокеарите на Ц. Звезда ограбени среде натпревар - останале по гаќи!

Хокеарите на Црвена звезда доживеале голема непријатност во Загреб, откако за време на натпреварот против Медвешчак во регионалната ИХЛ лига им биле украдени работи од соблекувалната.

Според информациите на српските медиуми, инцидентот се случил во текот на третата третина од мечот, кога непознати лица насилно влегле во соблекувалната на гостинскиот тим и ги однеле тренерките и јакните со обележја на Црвена звезда. Освен облеката, биле украдени и еден пасош и мобилен телефон. Околу еден час по завршувањето на натпреварот, украдената облека била вратена во кеси, но засега нема информации дали се вратени и пасошот и телефонот. Поради тоа, не е познато дали белградскиот тим без проблеми се вратил во Србија.

И покрај инцидентот надвор од мразот, Црвена звезда на теренот одиграла одличен натпревар и славела убедлива победа од 6-1, со што дополнително се зацврсти на третото место во регионалната лига.