
Драма за публиката, бодовите и лидерското место за ШК Алкалоид!
„Високата тензија беше присутна од првата минута. Оваа екипа во минатото во повеќе наврати играла тешки мечеви со нашиот тим и добро знаевме што нѐ очекува. Во претходниот меч ги поправавме позициите и правевме пресврти по четири часа игра, но овојпат ние го отворивме одлично и го трасиравме патот кон триумфот“, изјави капитенот ВМ Влатко Богдановски.
Рауф Мамедов (2.655) ги водеше белите фигури на првата табла против Арјун Еригаиси (2.773), при што индискиот велемајстор кој настапува за ШК Алкалоид одбра да се брани со ризично кралско фијанкето, кое е своевиден бренд на азербејџанската шаховска школа. Еригаиси играше одлично и успеа да создаде мала предност, но, сепак, не успеа да ја реализира и во завршницата го подели поенот.
На втората табла Ји Веи (2.754) одлучи бргу да ремизира против најголемата надеж на азербејџанскиот шах, ВМ Ајдин Сулејманли (2.614), кој има само 20 години и кој, веројатно, ќе биде предводнк на новите генерации, како што во минатото тоа беа Темур Раџабов и Шахријар Мамеѓаров. Со тоа, веројатно, избегна исцрпувачки меч каков што имаа другите, па неговата свежина би можела да биде адут за екипата во идните дуели.
По пропустот во третото коло, Јангји Ју (2.720) овојпат со црни фигури играше против единствениот странец во екипата од Азербејџан, 21-годишниот ВМ Казибек Ногербек (2.543) од Казахстан. Играчот на ШК Алкалоид повторно беше во реми-ситуација, но имаше цврста позиција типична за големите шампиони од типот на Карпов и Карлсен, па бараше мотиви и успеа да најде победничко решение по 60 потези во скокачката завршница.
Не помалку брилијантен беше и Читамбарам Аравинд (2.711), кој на четвртата табла, по големите компликации и со жртвување фигура, дојде до победа против уште еден 21-годишен велемајстор од Азербејџан, Ахмад Ахмаџада (2.523). И оваа партија како и другите започна со добро отворање и со мала предност, но со надоаѓањето на временската контрола при 40. потег нештата се закомплицираа и тоа им овозможи на борбените тактичари од Азербејџан да пробаат да се вратат во мечот.
Но, откако тоа не им успеа на другите табли, на петтата табла ги послужи спортската среќа. ВМ Велимир Ивиќ (2.628) школски го надигруваше противникот во текот на 35-те потези, но ИМ Реад Шамадов (2.523) направи обид за контранапад токму во цајтнотот при истекот на почетните 90 минути, по што следуваше груба грешка која ја однесе заслужената победа во неповрат.
На шестата плоча Абиманју Пураник (2.615) ја исполни целта да донесе победа за тимот, иако и тука драмата беше неизбежна. По обостраните пропусти, играчот на ШК Алкалоид покажа психичка стабилност и реализираше без проблеми (во ситуација кога резултатот беше 2-2, а играше само уште Јангји Ју).
За илустрација, четвртото коло можеби беше едно од најжестоките бидејќи тука се кршеа копјата кои екипи ќе одат во борбата за медалите. По третото коло имаше девет тима со максимални шест бода и уште пет тима со по пет бода, а веќе по ова 4. коло на врвот има само три екипи со максимален учинок: Алкалоид, СуперЧес и Нови Бор. Зад нив се пет екипи со еден поен помалку, па секој меч, всушност, е директен дуел со конкурент во борбата за висок пласман.
Во петтото коло ШК Алкалоид ќе игра со бранителот на трофејот од минатата година, Нови Бор од Чешка, кој е трет носител, додека, пак, ривалите СуперЧес ќе го предизвикаат на мегдан прворангираниот тим според рејтингот, Бајеган Пендик од Турција, кој денеска играше 3-3 со унгарскиот тим Нагиканижаи. Турнирот има само седум кола поради што оваа фаза на меѓусебни дуели може да биде пресудна за конечниот изглед на табелата.
Фото: Архива на ШК Алкалоид