Дурент се откажа од 30 милиони долари и пак стана – најплатен во историјата на НБА!

Кевин Дурент и Хјустон Рокетс постигнаа договор за нов двегодишен договор вреден 90 милиони долари, објави НБА-инсајдерот, Шамс Чаранија.

Иако можеше да добие максимално продолжување од 120 милиони, кошаркарот свесно прифатил помал износ и тоа пари кои други можат само да ги сонуваат. Со тоа му овозможил на клубот да остане финансиски флексибилен и да има простор за нови засилувања во следните сезони, пренесува „ЕСПН“. Новиот договор вклучува и опција на играчот за сезоната 2027/28, со што Дурент ќе може сам да одлучи дали ќе остане или ќе замине.

Со овој потпис, Дурент стана најплатениот кошаркар во историјата на НБА, со вкупна заработка од 598,2 милиони долари, пресметувајќи ги сите досегашни и идни договори. Така го надмина Леброн Џејмс, кој има 583,9 милиони долари.

Крилото летово пристигна во Хјустон преку размена од Феникс санс. Тој има уште три години од актуелниот договор вреден 144,7 милиони долари, а новиот аранжман му овозможува најверојатно да ја заврши кариерата во дресот на Рокетс – клуб во кој, според американските медиуми, повторно ја пронашол мотивацијата и желбата за титула.

ФОТО: EPA PHOTO