Астон Вила гази – со пресврт среде Лондон го реши Тотнем за петта победа по ред (ВИДЕО)

Фудбалерите на Астон Вила одиграа уште еден фантастичен натпревар и со пресврт-победа на гостински терен кај Тотнем (2-1) дојдоа до петтиот триумф по ред во сите натпреварувања.

Тимот од Бирмингем, кој не знае за пораз уште од крајот на август, прикажа зрела игра и не падна со духот по голот на противникот постигнат уште во петтата минута преку Бетанкур. Роџерс пред крајот на првото полувреме го изедначи резултатот, додека резервистот Буендија во 77. минута го постави конечниот резултат. Лондонци имаа повеќе од играта, повеќе напаѓаа и имаат четири зрели прилики за гол, но не ја затресоа мрежата на противникот.

За Тотнем ова е крај на серијата од речиси два месеци без пораз, со што не ја искористија шансата со триумф да се искачат на втората позиција на табелата, па сега по осум кола се шестопласирани со 14 бодови, колку што имаат Челси и Сандерленд. Астон Вила, пак, направи скок на десеттата позиција со 12 бодови.

ФОТО: X / @AVFCOfficial