Хрватски клуб стар речиси еден век е пред целосен распад!

Култниот хрватски фудбалски клуб Шибеник, основан пред 93 години во далечната 1932 година е пред целосен распад пренесуваат хрватските медиуми.

Како што пишува порталот „Индекс“, постојат сè посериозни индикации дека клубот е на чекор од банкрот. Наводно и во градот кружи порака која ја испратиле до своите членови лидерите на навивачката група.

„Денот во кој никој не го посакува за жал веројатно е блиску. ХНК Шибеник речиси сигурно оди во стечај. Натпреварот против Биоград како што стојат работите ќе биде последниот натпревар на нашиот клуб. Сите кои можат да земат слободен ден или да излезат од работа, нека го направат тоа. Целта е да заминеме во што поголем број, за достојно да се простиме од клубот стар 93 години“, стои во пораката која ја објави „Индекс“, а според нивните информациите била испратена на апликацијата „ВатсАп“.

Натпреварот помеѓу Шибеник и Биоград е закажан за в понеделник од 16:00 часот.