Шпанските комунисти против „наши“ Балисти – кој преживее ќе раскажува!

Македонскиот првак Шкендија вечерва ќе дебитира во групната фаза од Конференциската лига со гостување кај Рајо Ваљекано (18.45), меч кој предизвикува голем интерес во шпанските медиуми, но најмалку од фудбалски причини.

Гостувањето на тетовци во предградието на Мадрид се прикажува низ призма на навивачката група „Балисти“, која веќе пристигна на Пиринеите и со бројка од околу 200 најфанатични членови ќе присуствува на натпреварот. Тие се претставени како воинствени хулигани, од група наречена според фашистичко движење за време на Втората светска војна, познато по бруталноста врз населението и тие што се бореле за ослободување на Македонија. Шпанците, истовремено, потсетуваат дека фановите на домашниот тим, популарните „Буканерос“, важат за приврзаници на комунистот, а најголем дел од нив се и регистрирани во полицијата како ултра-левичари.

Сето ова, заедно со фактот што Рајо ја има најлошо организираната и обезбедена гостинска трибина во шпанскиот фудбал, носи страв кај полицијата од можни нереди, кои би можеле да имаат и трагични последици. Гостувањето на „Балистите“ е прво од т.н. нео-нацистички туризам на стадионот „Ваљекас“ бидејќи набрзо потоа тука ќе гостуваат и навивачи на Лех Познањ, кои се познати како едни од најбруталните во Европа.