Милевски ги врати Ашковски и Бабунски, отпаднаа двајца офанзивци!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, го објави списокот на повикани играчи за претстојните октомвриски квалификации за СП 2026, а најголемо внимание привлекува враќањето на Давид Бабунски и Стефан Ашковски, кои по подолго време повторно се наоѓаат меѓу избраниците на Милевски.

Жолто-црвените во овој циклус ќе одигра два натпревари – првиот на гости против Белгија во Гент на 10 октомври, а три дена подоцна на арената „Тодор Проески“ ќе го пречека Казахстан. Во пресрет на дуелите, нашата репрезентација е прва на табелата со 11 бодови, еден повеќе од Белгија и Велс, но „црвените ѓаволи“ имаат натпревар помалку.

Селекторот направи очекувани избори, без големи изненадувања. Поради повреда отпадна Лирим Ќамили, додека надвор од комбинација е и Димитар Митровски. Собирот на репрезентацијата е закажан за 6 октомври во хотелот „Хилтон“ во Скопје.

Списокот на Македонија за октомвриските натпревари

Голмани: Столе Димитриевски (Валенсија, Шпанија), Дејан Илиев (УТА Арад, Романија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука, БиХ), Игор Алексовски (Фљамуртари, Албанија)

Одбрана: Висар Муслиу (Падерборн, Германија), Никола Серафимов (Левски Софија, Бугарија), Езѓан Алиоски (Лугано, Швајцарија), Ѓоко Зајков (Ајман, ОАЕ), Андреј Стојчевски (Словачко, Чешка), Дарко Велковски (Зрињски, БиХ), Стефан Деспотовски (ОФК Београд, Србија), Бојан Илиевски (Струга Трим Лум)

Среден ред: Енис Барди (Коњаспор, Турција), Јани Атанасов (Лариса, Грција), Елиф Елмас (Лајпциг, Германија), Исник Алими (Далиан Јингбо, Кина), Лука Станковски (Раднички Крагуевац, Србија), Тихомир Костадинов (Сигма Оломуц, Чешка), Решат Рамадани (Шкендија)

Напад: Бојан Миовски (Џирона, Шпанија), Милан Ристовски (Бохемианс 1905, Чешка), Дарко Чурлинов (Барнли, Англија), Александар Трајковски, Давид Бабунски (Вардар), Стефан Ашковски, Елмин Растодер (Тун, Швајцарија)