
Ангеловски пронајде нов ангажман – ја презеде „најмакедонската“ екипа на Кипар!
Популарниот Мрме е назначен за нов стратег на Етникос Ахна, клуб кој важи за убедливо најмакедонски на ова острово. Таму досега настапувале 17 играчи од Македонија, а најголема легенда на клубот стана голманот Мартин Богатинов со 175 настапи. Ангеловски во кипарскиот тим ќе има познат соработник – Милан Илиевски, кој ќе ја извршува улогата на негов прв помошник. Илиевски веќе работеше заедно со него во репрезентацијата, а како прв тренер досега го водеше само Работнички.
Ангажманот во Етникос ќе биде четврти во клупската кариера на Ангеловски и трет на меѓународна сцена. Претходно, македонскиот стратег остави најдлабока трага во Работнички, ја предводеше Македонија на историското Европско првенство 2021, а имаше и пократки авантури во Горица (Хрватска) и Каспиј (Казахстан).