Флик бесен на судијата: Со него секогаш истото се случува
Германскиот стратег беше задоволен од конечниот резултат, но имаше сериозни забелешки за одлуките на судиите, особено поради жолтите картони што ги добија неговите фудбалери, како и тој самиот.
Флик истакна дека генерално е задоволен од судењето во шпанското првенство, но дека со Ернандез кој судеше на овој натпревар има лоши искуства.
„Со него секогаш ни се случува истото. Тоа е стара приказна. Ако продолжи вака, ќе мораме да играме уште подобро за да победуваме, токму како што го направивме тоа во второто полувреме“, изјави Флик.
Особено го налути односот на судиите кон клупата на Барселона, како и исклучувањето на Фермин Лопез.
„Не знам зошто го исклучија Фермин. Всушност, тоа и ги прашав судиите, па затоа добив жолт картон. Она што го знам е дека четвртиот судија во текот на целиот натпревар ја набљудуваше нашата клупа. Денес сè беше предвидливо“, порача германскиот тренер.
„Постојано беа насочени кон нас и постојано нè набљудуваа. Постои и поинаков начин, може да се разговара и да се објаснат работите, но нам никој ништо не ни кажува. Повеќето судии комуницираат со нас и ги објаснуваат своите одлуки“, додаде Флик.