„Никој не може да ни го одземе сонот за Мундијал – можеме да ја изненадиме Белгија!“

Фудбалската репрезентација на Македонија ја очекуваат два клучни натпревари во квалификациите за Светското првенство 2026 – гостувањето кај Белгија на 10 октомври и домашниот дуел со Казахстан три дена подоцна, пред кои селекторот Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери на кои смета.

Тој порача дека тимот останува посветен на целта – пласман на Мундијалот.

„Списокот е идентичен како претходниот, со тоа што Лирим Ќамили отсуствува поради повреда. Тука се и двајцата повратници, Ашковски и Бабунски, а се надевам пред сè дека сите ќе бидат здрави“, изјави Милевски.

Тој посебно се осврна на враќањето на Давид Бабунски во националниот тим.

„Бабунски е со нас откако сум селектор, имаше проблем со клубот каде што беше претходно. Сега се враќа и верувам дека неговиот потенцијал е потребен за нашата репрезентација и затоа е тука“, дополни предводникот на националниот тим.

Македонија по пет одиграни натпревари се наоѓа во борбата за пласман, што според селекторот е доказ за квалитетот и карактерот на тимот.

„Сите пет меча досега беа главни битки. Ни останаа уште три, кои мораме да ги одиграме на највисоко ниво. Овој со Белгија е ист како претходните – да не беа тие важни, сега немаше да сме во оваа позиција. Ќе се обидеме да завршиме најдобро што можеме, а што тоа ќе донесе – ќе видиме“, оптимист е сер Боби

Белгија останува фаворит, но Милевски верува во капацитетот на своите избраници.

„Ретко кој очекуваше да имаме толку бодови по пет натпревари, но ние сме таму каде што сме. Стоиме цврсто на земја, знаеме против кого играме. Белгија е главен фаворит, но Македонија покажа дека може да биде конкурентна. Никој не може да ни го одземе сонот за Мундијал“, вели селекторот

Селекторот нагласи дека притисокот е составен дел од фудбалот.

„Секогаш има притисок, сите сакаме да победуваме. Белгија е фаворит, тоа е факт, но и ние имаме свои амбиции – да покажеме дека не сме случајно тука. Во последните две години докажавме дека можеме да бидеме конкурентни со секого“, објасни Милевски.

За шансите против Белгија, Милевски порача.

„Случајни работи во спортот нема. Македонија никогаш немала случајни резултати. Можно е да ја изненадиме Белгија – да, можно е. Тимот ќе биде пред сè, очекувам натпревар со индивидуален квалитет каде што Белгија е напред, но крајот ќе покаже кој ќе биде победник“, заврши селекторот.

Македонија во моментов е прва на табелата во квалификациската група со 11 бодови од пет натпревари, еден повеќе од Белгијците, кои имаат меч помалку, а исто толку бодови има и Велс, кој има одиграно ист број средби како и ние.