Фудбалерите на Каират ќе ќарат по автомобил ако го „тепаат“ Реал – ќе им помага и Џеки Чен!

Екипата на Каират од Алмати утре ќе го пречека европскиот гигант Реал Мадрид во историски натпревар од Лигата на шампионите, настан кој предизвика големо внимание во Казахстан и пошироко, а домашните фудбалери добија дополнителен мотив.

Локален бизнисмен им вети по еден нов автомобил доколку успеат да го совладаат славниот противник.

„Како патриот, а во пресрет на мојот роденден, ветувам дека ако тимот победи, секој кој ќе игра ќе добие автомобил. Алмати е светска престолнина, а Каират е шампион!“, изјави бизнисменот, познат и по тоа што претходно подари 100 станови на своите вработени.

Мундо Депортиво го истакна натпреварот под наслов „Реал се враќа во Азија“, потсетувајќи на турнејата со Дејвид Бекам во 2003 година. Весникот нагласува дека средбата во Алмати, кој се наоѓа на само 300 километри од границата со Кина, ќе биде историски момент за казахстанскиот фудбал. Казахстан е член на УЕФА од 2002 година, а Лигата на шампионите за првпат заигра во земјата во 2015 година со тимот на Астана, додека Каират со елимининацијата на Селтик стигна до групната фаза на елитното натпреварување.

Интересот за дуелот е огромен – илјадници кинески навивачи веќе се во Алмати, а меѓу можните гости на трибините се споменува и холивудската ѕвезда Џеки Чен, кој престојува во Казахстан.