МЗТ се засили со поранешен бек-шутер на Тиквеш и на ФМП!

МЗТ Скопје го комплетира странскиот состав за новата сезона со потпишување на едногодишен договор со американскиот бек Мек Смит (27 години, 190 см).

Тој ќе биде четвртиот кошаркар од САД во редовите на „металците“ и засилување кое треба да донесе дополнителна ефикасност. Смит е добро познат на македонската кошаркарска публика, бидејќи во минатото настапуваше за Академија ФМП и Тиквеш. Се истакнува како врвен шутер, а зад себе има и импресивна универзитетска кариера во САД, каде што постави рекорд во НЦАА по број на последователни натпревари (91) со постигната најмалку една тројка. Дополнително, останува запишан како само вториот интернационалец во македонската кошарка кој успеал да оствари трипл-дабл, и тоа во дресот на Академија ФМП.

Новото засилување на „штрковите“ се очекува во наредните денови да им се приклучи на своите соиграчи и да биде подготвено за стартот на сезоната во Првата лига и во АБА2. МЗТ Скопје својот прв натпревар во домашниот шампионат ќе го одигра против Маџари, додека регионалниот предизвик следува на 7 октомври против српски Вршац.