Турските газди наместо „алтани и бисери“ донесоа хаос и долгови во мак-фудбалот!

Последниве години стана тренд турски бизнисмени да купуваат македонски фудбалски клубови, но малкумина од нив се покажаа како вистински газди што донесоа стабилност и успеси таму каде што дојдоа, а најголем дел се посрамотија и си заминаа односно се подготвуваат за заминување со - наведнати глави.

Првиот чекор го направи Олгун Ајдин, кој во 2018 година го презеде Шкупи. Вложи сериозни средства, изгради силен тим, освои шампионска титула и пет сезони по ред го носеше клубот во Европа. Минатата година замина, а местото го презедоа други Турци кои за кусо време го турнаа клубот во хаос. Наместо резултати, останаа сомнежи за наместени натпревари и финансиска корист, па денеска чаирската гордост е на работ да се пресели во четвртата лига поради нивното аматерско работење.

Кон крајот на 2023 година, „турски“ клуб стана и Работнички. Турската компанија „Џевахир“ ги купи акциите за 600.000 евра. Но, иако минатата сезона имаше светли моменти, патеката на клубот е јасно надолна. Буџетот е скратен, квалитетот на тимот ослабен, а славниот дебармаалски бренд денеска е меѓу оние кои се борат за опстанок.

Неславен е и случајот со Тиквеш. На почетокот од оваа сезона германскиот Турчин Осман Таш влезе со големи најави. Кавадаречкиот клуб требаше да стане стабилен проволигаш кој ќе граби напред и секоја сезона ќе игра во Европа, но тоа беа само приказни. Реалноста беа лаги, неисплатени плати, незадоволство, тензија и лоши резултати. Турската експедиција го напушти Кавадарци, а клубот повторно се врати под капата на општината.

Впечатлив беше случајот на Гостивар. Сопственикот Енес Уста вложи и состави солиден тим, но лани клубот беше исфрлен од Првата лига поради неодигрување натпревари. Турските сопственици имаа и втор клуб – третолигашот Слога Виница, но и таму се повлекоа без трага.

Приказната заврши неславно и во Воска. Турците во јануари годинава го презедоа клубот од Нефи Усени, но по само неколку месеци се откажаа. Воска го прекина настапот во Првата лига и беше преселена во најнизок ранг.

Засега позитивна приказна е штипска Брегалница, која летово за газда го доби Мурат Шамил Шен, поранешен турски фудбалер од оваа земја, кој како и секој негов сонародник вети - многу. Владеењето на Шен во Брегалница допрва ќе се анализира, засега штипскиот тим игра солидно во Втората лига и граби кон првата - враќање во елитата.

Турски бизнисмени водеа преговори за преземање и на Беласица, но преговорите завршија неуспешно, струмичкиот клуб остана во македонска сопственост.

Сето ова покажува дека турската фудбалска окупација во Македонија полека, но сигурно завршува и тоа со „бегство на аскерот“ со оставање „пепел“ зад себе. Некои пари влегоа, но само може да се нагаѓа што излезе од државата, односно зошто сите овие бизнисмени дојдоа во клубовите без да исполнат ниту дел од ветеното. Дел од нив сѐ уште се тука, што им остава простор да се подобрат односно да покажат дека се дојдени со чесни намери - за подобар фудбал и секако чесна заработка за себе. А тие што побегнаа, тешко дека некогаш повеќе ќе ги видиме пак како дел од мак-фудбалот.