Пелистер денеска испишува клупска историја – ќе дебитира во Европа!

Екипата на Пелистер денеска ќе испише нова страница од клупската историја со дебито во европските натпреварувања, откако попладнево во Самоков (Бугарија) ќе се соочи со италијанската Реџо Емилија во рамки на квалификацискиот турнир за пласман во Лигата на шампионите на ФИБА.

Италијанскиот претставник влегува во мечот како голем фаворит, но тренерот Боро Даскаловски најави дека неговите играчи ќе дадат максимум за да дојдат до позитивен резултат.

„Реџо Емилија е исклучително квалитетен тим, предводен од грчкиот тренер Пифтис, кого добро го познавам. Нивните странски кошаркари се на високо ниво веќе многу години и за нас е чест што играме против ваков ривал. Ќе дадеме сè од себе да го претставиме клубот на најдобар можен начин, но и македонската кошарка. Ваквите настапи се вистински пат за стекнување искуство и подигнување на квалитетот“, изјави Даскаловски.

Пелистер во Самоков ќе настапи со проблеми во рекетот, бидејќи Џордан Скипер Браун го напушти клубот поради семејни причини, а Ленгстон Вилсон не е регистриран навреме за ФИБА. Без оглед на исходот од настапот на овој турнир, „зелено-белите“ веќе обезбедија европска есен – во групната фаза од ФИБА Купот ќе ги чекаат Цедевита Јуниор (Хрватска), Патриоти Левице (Словачка) и Керавнос (Кипар).