Пелистер загуби, но не се посрамоти во квалификациите за ЛШ (ФОТО)
Реџо Емилија уште на стартот на мечот во Самоков покажа дека ќе ја контролира играта на теренот и успеа да ја добие четвртината со 31-23. Битолчани не успеаја да му парираат на ривалот ниту во вторите 10 минути, каде што италијанскиот тим беше одличен во нападот и замина на паузата со убедливи +16 (58-42).
Надежта на Пелистер почна да се враќа за момент во третата четвртина, кога битолчани од -18 стигнаа на само -7 поени (59-66), но набрзо Реџо Емилија ја врати двоцифрената предност (74-60).
Пелистер до крајот на натпреварот не успеа да се врати во ритам, додека Реџо Емилија ги користеше сите шанси за дополнително да го зголеми водството и да триумфира со 99-87.
Квон Читем Јуниор беше најефикасен во победничкиот тим со 22 постигнати поени, пет скокови и четири асистенции, додека Кевин Брејси Дејвис запиша 20 поени, шест скокови и две асистенции за Пелистер.
„Зелено-белите“ без разлика на резултатите на турнирот веќе обезбедија европска есен, односно во групната фаза од ФИБА Купот ќе ги чекаат Цедевита Јуниор (Хрватска), Патриоти Левице (Словачка) и Керавнос (Кипар).
Фото: FIBA Champions League