Во Ливерпул им се смееја на Манчестер Сити, а летово потрошија половина милијарда евра

Летниот преоден рок официјално заврши синоќа, а со тоа и трансфер лудилото на Ливерпул кој летово тотално го смени својот начин на функционирање.

Клубот кој пред неколку години му се смееше на Манчестер Сити поради енормното трошење, летово за нови фудбалери даде безмалку половина милијарда евра (497 милиони) со тоа што оваа сума може драстично да се зголеми бидејќи во речиси сите трансфери се предвидени бонуси што се лесно остварливи. Наспроти бројните скапи трансфери на Манчестер Сити претходната деценија, Ливерпул го собори англискиот рекорд и го направи Александер Исак најскап фудбалер на Островот со 125 милиони фунти, плус евентуални пет милиони за бонуси.

Покрај него, најмногу пари се потрошени за Флоријан Вирц (100 милиони евра, плус можни 16,5 милиони), Иго Екитике (69 милиони евра, плус можни 10 милиони) и Милош Керкез (40 милиони евра).

Ливерпул го напуштија и голем број фудбалери, некои од нив, како Луис Дијаз и Дарвин Нуњез беа скапо платени, но вкупната сума од излезните трансфери изнесува околу 220 милиони евра. Клубот е во негатива од околу 280 милиони ова лето што секако е изненадување од инаку конзервативниот клуб кој порано со презир гледаше кон сите кои сакаа енормно да трошат на нови играчи.