Николче Новески - шеф на скаутинг тимот на ФФМ!

Поранешниот македонски репрезентативец Николче Новески се приклучи на тимот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), односно беше назначен за раководител на скаутинг службата.

Долгогодишниот капитен на германски Мајнц во иднина ќе има задача да ја координира и развива стратегијата за следење и идентификување на млади таленти со македонско потекло ширум Европа и светот. 

„Среќен сум што станувам дел од тимот на ФФМ и што ќе имам можност да придонесам за развојот на македонскиот фудбал. Верувам дека со моето искуство и долгогодишна кариера во Бундеслигата, заедно со тимот во Федерацијата, ќе изградиме силен систем на скаутинг кој ќе овозможи секој талентиран фудбалер со македонско потекло да добие шанса да се докаже. Нашата цел е да создадеме услови за напредок и за уште посилни национални селекции во иднина“, кажа Новески.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ кажа дека е задоволен што уште една македонска легенда се приклучува во Куќата на фудбалот.

„Николче Новески е име кое со својот карактер и настапи е запаметен во Македонија и во германската Бундеслигата. Задоволство е што ваков професионалец прифати да биде дел од нашиот тим, заедно со Пандев, Христов и Ибраими. Верувам дека со неговото искуство, авторитет и познавања ќе изградиме систем кој ќе донесе нови имиња во нашите селекции. Нашата мисија е јасна, ниеден фудбалски талент со македонско потекло да не остане незабележан. Ова е силен чекор напред во модернизацијата и професионализацијата на нашата работа“, посочи Омерагиќ.

Новески во кариерата запиша 64 настапи за Македонија, а во ФФМ во иднина ќе работи во координација со Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими.

Фото: ФФМ