Грците во Австралија плачат од навивачите на Престон Македонија! (ФОТО)

Во неделата во регионалната лига на државата Викторија во Австралија се одржа од четвртфиналниот дуел од плејофот меѓу Оукли Кенонс и Престон Лајонс (порано Престон Македонија).

Оукли е тим на грчката, а Престон на македонската дијаспора во Австралија, па очекувано беше натпреварот да има и политичка конотација. На стадионот на Оукли, кој е и шампион од минатата година, се собраа неколку стотици Македонци, а откако „нашиот“ тим победи со 2-1 и обезбеди пласман во полуфиналето, Грците си најдоа оправдување за поразот.

Тамошниот портал на грчки јазик Неос Космос, во извештаите од натпреварот обрна големо внимание на однесувањето на македонските фанови кои, како што тврди авторот, провоцирале на национална основа и направиле голема материјална штета на стадионот.

„Скршени седишта, навредливи налепници и расистички скандирања беа на менито за навивачите на Лајонс кои во неделата го посетија Оукли. Однесувањето на навивачите на Престон Лајонс повторно предизвика негодување. Приближно 500 навивачи на тимот од Престон отпатуваа во Оукли за да го гледаат натпреварот на нивниот тим против Кенонс во четвртфиналето на НПЛ.

Со оглед на историјата на дуелите на овие две екипи и различните социо-политички елементи околу натпреварот, двата клуба постигнаа договор во врска со транспарентите и знамињата што навивачите на двата тима смееја да ги внесат на стадионот. Изнесувањето национални симболи беше експлицитно забрането. Пред почетокот на натпреварот, службени лица од Фудбал Викторија беа видени како ги молат навивачите на Кенонс да го отстранат грчкото знаме што се појави на новоизградената трибина на стадионот. Сепак, се чини дека правилата важеа само за едната страна - за Оукли Кенонс.

Како што може да се забележи од фотографиите, навивачите на Лајонс ги игнорираа упатствата дадени во пресрет на натпреварот, предизвикувајќи штета, прикажувајќи ги своите национални симболи и расфрлајќи налепници со расистичка содржина“, пишува, меѓу другото, во извештајот од натпреварот, илустрирано со неколку фотографии од стадионот.

Сепак, од фотографиите на профилите на Престон Лајонс на социјалните мрежи, може да се забележи и дека македонските навивачи направиле прекрасна атмосфера и дека расположението меѓу нив е фантастично. За тоа придонесе и победата со 2-1 за која придонесоа Албано и Фолино со раните голови, во првиот половина час. По овој триумф, Престон Лајонс во полуфиналето ќе се сретне со Хајделберг кој беше второпласиран по основниот дел од сезоната.