Договор на повидок, Дибала е пред потпис со нов клуб

Сѐ поизвесно е дека Пауло Дибала ќе ја напушти Рома по завршувањето на сезоната, кога му истекува договорот со римскиот клуб.

Еден од технички најталентираните фудбалери во Серија А во последната деценија, според медиумите од Аргентина, веќе донел одлука кариерата да ја продолжи во Бока Јуниорс. Истата информација ја пренесе „ЕСПН“  нагласувајќи дека договорот меѓу двете страни е практично постигнат.

Во тековната сезона, Дибала запиша три гола и четири асистенции на 23 натпревари во дресот на Рома. Дибала во својата кариера настапуваше и за Институто, Палермо и Јувентус, пред во 2022 година да се пресели во Рим.

Со Јувентус освои пет титули во Серија А, четири трофеи во Купот на Италија, а стигна и до финале во Лигата на шампиони. Со репрезентацијата на Аргентина, пак, беше дел од селекцијата која го освои последниот Мундијал.