Синер воодушевен од новата шпанска сензација: Каков играч... (ВИДЕО)

Првиот светски рекет Јаник Синер обезбеди пласман во полуфиналето на Мастерсот во Мадрид, но денеска доби силен отпор еден 19-годишник.

На спротивната страна беше Рафаел Ходар, Шпанец на кого веќе му предвидуваат блескава кариера. Младиот тенисер имаше фантастичен старт на сезоната на земја, стигна до полуфиналето во Барселона, а можеби ќе го повтореше истиот успех ако при ждрепката не се паднеше на страната на Синер. Италијанецот мораше да помине два часа на теренот за да го победи, а откако успеа и стигна до полуфиналето, јавно го искажа своето воодушевување од играта на противникот.

„Каков играч...“, напиша Синер на камерата по тешко извојуваната победа.

Ходар го почна турнирот како 42. на АТП листата, но од понеделник најверојатно ќе биде на 34. позиција и има време до „Ролан Гарос“ да се пробие уште две места и да биде меѓу носителите на вториот Гренд слем во сезоната.