
Серафимов: Не смееме однапред да ги запишеме трите бода од мечот со Лихтенштајн!
Но, за Лихтенштајн ќе размислуваме откако ќе го одиграме пријателскиот натпревар во Прага против Саудиска Арабија кој на програмата е во четврток со почеток од 17 часот.
„Првиот меч кој го играме со Саудиска Арабија е од контролен карактер и тоа ќе биде одлична можност да видиме во каква форма доаѓаме. Знам дека секогаш кога доаѓаме да играме за Македонија сите доаѓаме со посебни мотиви, посебна желба и сите даваат и повеќе од сопствените можности. Мора да се фокусираме прво на мечот во четврток, а потоа да се спремаме за Лихтенштајн. Нормално е дека против нив сме фаворити на хартија, но тоа во денешниот фудбал не важи. Тоа ќе биде натпревар од огромно значење бидејќи трите бода ни се и повеќе од неопходни. Велат дека кога однапред ќе ги запишете трите бодови тоа никогаш не е добро и баш поради тоа мислам дека тие три бода не смееме да ги сметаме како однапред добиени туку треба да влеземе на тој натпревар како и на сите останати. Мислам дека оваа група на фудбалери на чело со овој стручен штаб веќе го докажала тоа, никогаш не сме потцениле противник“, вели Серафимов.
Серафимов од пред извесно време има нов клуб, тој потпиша за Левски и почнува ново поглавје во својата кариера.
„Летната пауза за мене беше прилично тешка бидејќи претходно имав и проблем со повреда, но сето тоа е зад мене, тој некој црн период е позади мене. Сега имам нов клуб, нова средина, нови предизвици, нови почетоци. Исто како што го давам максимумот тука, го давам максимумот и таму. Се надевам дека ова мое ново поглавје во кариерата ќе биде уште поуспешно од тоа што било. Повеќе од спремен сум за новите предизвици“, заврши дефанзивецот.