Лазаревски: Братството и единството се клучот за успехот на Вардар!

Македонскиот ракометен шампион Вардар влегува во новата сезона со големи амбиции и желба за успеси на домашната, но и европската сцена.

Ракометарот на Вардар, Милан Лазаревски кажа дека високите цели се единствениот начин за напредок на тимот.

„Вардар секогаш цели на највисоко, иако некогаш делува дека тие се над нашиот капицитет, меѓутоа мислам дека единствен начин на кој би станувале подобри и би напредувале е токму тоа, да имаме високи цели. Очекувам одлична сезона, затоа што екипата е подновена, добивме квалитетни ракометари. Сигурен сум во изборот на стручниот штаб кој го составуваше тимот и верувам дека ќе се покажеме добро и во Лигата на шампиони“, кажа Лазаревски.

Лазаревски посочи дека веднаш им се ставил на располагање на новите ракометари во Вардар за побрзо да се прилагодат.

„Братството и единството кое владее во Вардар, таква кохезија меѓу играчите, е клучен фактор за постигнување на успесите. Продолжуваме со истата традиција и во иднина, тие што имаме поголем стаж во Вардар им стоиме на располагање на новите играчи“, посочи ракометарот.

Вардар оваа сезона се очекува да игра дел од натпреварите во салата „Расадник“, додека дерби дуелите и европските мечеви во „Јане Сандански“, како што посочи Лазаревски.

„Салата ‘Расадник’ ќе биде наш тренинг-центар и поголемиот дел од домашното првенство ќе го играме тука, додека дерби натпреварите и европските дуели ќе ги играме во ‘Јане Сандански’ зашто интересот на скопската публика е голем“, кажа тој.