
Италија ја победи Шпанија и ја фрли на работ на елиминација!
Актуелниот европски шампион Шпанија може да биде елиминиран уште во групната фаза на Евробаскетот, единствена опција за спас им е победа над фаворитот Грција.
Шпанците на ова Европско првенство отидоа со видно изменет состав, но елиминација во групната фаза ќе биде неуспех.
Денеска одлично го почнаа мечот со Италија, ја добија првата четвртина со осум поени разлика, на полувремето водеа со 36-30. Но, работите се променија во вториот дел во кој Италија направи комплетен пресврт и на крајот славеше со 67-63.
Најефикасен во составот на Италија беше Диуф со 14 поени, Ричи постигна 11, за Шпанците Алдама даде 19 поени.
Дерби се играше и во групата Д каде Франција со 83-76 ја совлада Полска која до овој меч беше перфектна.
Натпреварот во првиот дел им припадна на Полјаците кои на одморот имаа предност од 44-41. Но, нивното водство беше брзо стопено во третата четвртина која се покажа како клучна. Во третиот период Французите комплетно го свртеа резултатот и почнаа да создаваат висока предност, во последните десет минути во еден период беше и 13 разлика за Франција. На крајот тие победија со 83-76.
Убедливо најдобар на теренот беше Јебуселе со 36 поени, кај Полјаците Лојд постигна двојно помалку 18 и беше најефикасен кај својата репрезентација.
Во пресрет на последното коло во оваа група Франција, Израел и Полска имаат по три победи и еден пораз.