Реал дури денеска го претстави најскапото засилување во историјата (ВИДЕО)
Диоманде пристигна од Лајпциг за рекордна сума и потпиша долгорочен договор со мадридскиот гигант до 30 јуни 2033 година. За него Реал плати 140 милиони евра што доволно зборува за намерите на клубот со овој фудбалер.
„Горд сум што сум тука, бидејќи ова е најголемиот клуб во светот. Секој сонува да игра за Реал Мадрид, а јас ќе дадам сè од себе“, изјави Диоманде.
Посебно интересен детал од неговото доаѓање во Мадрид е откривањето дека Жозе Мурињо лично му се јавил во пет часот наутро, додека трансферот сè уште бил во преговори. Токму желбата на португалскиот тренер да го има во својот тим била дополнителен мотив за фудбалерот да ја избере шпанската престолнина.
„Неверојатно е што ќе ме тренира најдобриот тренер во светот и што ќе делам соблекувална со најдобрите играчи во светот. Кога ги гледате сите тие трофеи, тоа ве тера да сакате да освоите уште еден“, порача новото засилување.
Диоманде не крие дека амбициите му се највисоки можни. Покрај борбата за титулата во Ла Лига, негов голем сон е и освојување на Лигата на шампионите со Реал Мадрид.
„Многу е возбудливо да се натпреваруваш во Ла Лига и во Лигата на шампионите за да ги освоиш. А зошто да не уште оваа година?“, оптимистички порача Диоманде.
Со оглед на неговата возраст, високата отштета и огромните очекувања од клубот, од Диоманде во Мадрид се очекува да биде едно од главните лица на новата генерација на „кралевите“.