Реал Мадрид ѝ „удира контра“ на Барса – не дозволува играње средби во САД!

Реал Мадрид остро се спротивстави на одлуката да се игра натпревар од шпанското првенство во САД, оценувајќи ја како преседан кој може да го наруши интегритетот на фудбалот и легитимноста на резултатите.

Фудбалската федерација на Шпанија во понеделникот го одобри барањето дуелот меѓу Виљареал и Барселона од 17. коло да се одигра на „Хард Рок“ стадионот во мајами (20 декември). За реализација на планот, ќе бидат побарани дозволи од УЕФА и ФИФА, а Виљареал најави дека на своите сезонски претплатници ќе им обезбеди бесплатен пат и влезници.

Од „кралскиот“ клуб соопштија дека веќе презеле мерки за спречување на натпреварот, посочувајќи дека тој е договорен без претходна консултација со сите учесници во првенството. Реал предупредува дека ваквата одлука го нарушува принципот на територијален реципроцитет – играње еден натпревар дома и еден на гости – со што се дава неоправдана спортска предност на одредени клубови.

„Ова е неприфатлив преседан што отвора врата за одлуки базирани на профит, директно загрозувајќи го спортскиот интегритет и фер-плејот“, стои во соопштението на Реал.

Клубот побара од УЕФА, ФИФА и надлежните спортски органи во Шпанија да ја одбијат иницијативата, нагласувајќи дека секоја промена од ваков карактер мора да има едногласна согласност од сите клубови, согласно националните и меѓународните правила за организација на официјални натпревари.

ФОТО: EPA PHOTO