Мусиала успешно опериран, со месеци ќе го нема во дресот на Баерн Минхен!

Офанзивецот на Баерн Минхен, Џамал Мусиала, беше успешно опериран по сериозната повреда здобиена на Светското клупско првенство (СКП) во САД, потврди германскиот клуб.

Младиот фудбалер ја скрши фибулата за време на четвртфиналниот натпревар против ПСЖ, кој Баварците го загубија со 0-2. Повредата се случи во текот на првото полувреме, по што Мусиала мораше да биде изнесен од теренот со носилки.

Веднаш по враќањето во Германија, 22-годишниот фудбалер беше опериран, а неговата рехабилитација веќе започна. Од клубот информираат дека закрепнувањето ќе трае повеќе месеци, а точниот датум на враќање ќе зависи од динамиката на опоравување.