УЕФА ги почести македонските прволигаши со - 100.000 евра!

Европската фудбалска федерација (УЕФА) наскоро ќе треба да ѝ префрли на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) сума од 101.000 евра од фондот за солидарност кој го поддржува развојот на младите фудбалери, пари кои потоа треба да се пренасочат кон македонските прволигаши .

Станува збор за пари кои треба да ги поделат клубовите кои не играле во групна фаза во европските натпреварувања, а тоа значи дека сите прволигаши од минатата сезона кај нас ќе ја поделат оваа сума.

Одговорна за распраделбата на парите е Фудбалската федерација на Македонија која  одлучува за критериумите и ја регулира дистрибуцијата. Според насоките на УЕФА, парите треба да се поделат подеднакво, а ако федерацијата сака да примени друг систем на распределба мора да поднесе образложене до Европската куќа на фудбалот..

Исто така се потенцира дека парите мора да се користат во младинските категории за развојни активности и програми.

Засега кај нас не е познато дали Гостивар и Воска кои беа казнети и исфрлени во најнизок ранг имаат право на средствата, а доколку немаат сумата тогаш би се поделила на десет клубови (Шкендија, Силекс, Работнички, Струга Трим Лум, Вардар, Пелистер, Шкупи, Тиквеш, Брера, Беса) по 10.100 евра.