Македонија ЃП доби и втор стадион, лавовите го (за)купија „Борис Трајковски“ во Маџари!

Поранешниот македонски шампион и трикратен освојувач на Купот, Македонија Ѓорче Петров доби и втор стадион, откако „лавовите“ деновиве се преселија во скопската населба Маџари, каде што почнаа да тренираат на теренот на „Борис Трајковски“.

Малку светски екипи може да се пофалат со примерот на Македонија ЃП, Ѓорчепетровци се единствени во државата што имаат на располагање два стадиони, но тоа не значи преселба од една во друга скопска населба. Тазе прволигашот, предводен од тренерот Бобан Грнчаров, нема да ги игра своите натпревари во Маџари, туку „Борис Трајковски“ ќе го користи за тренинзи во новата сезона.

Прв стадион на Македонија ЃП останува тој во Ѓорче Петров во Скопје, каде што ќе ги играат натпреварите од Првата лига, но и Купот на Македонија.

Македонија ЃП минатата сезона ја помина во Втората македонска фудбалска лига, по што експресно избори враќање во елитата. Се очекува деновиве фудбалерите да заминат за Охрид, каде што ќе ги одработат летните подготовки.