Шоу на Јилдиз, Јувентус моќно до осминафиналето (ВИДЕО)

Турскиот репрезентативец Кенан Јилдиз беше главен протагонист во втората победа на Јувентус на Светското клупско првенство кое ги одведе „бјанконерите“ во нокаут фазата.

Јуве беше подобар од Видад Казабланка од Мароко со 4-1, а Јилдиз учествуваше во три од четирите гола на неговиот тим. При првиот, во шестата минута ја одработи целата акција, пред Бутули да си постигне автогол, а потоа погоди во 16. и 69. минута. Во меѓувреме Лорч ја затресе мрежата на Јуве и го реализира единствениот погодок на африканскиот тим.

Кога веќе се беше решено, Душан Влаховиќ во судиското продолжение од белата точка го постави конечниот резултат.

Со ова Јувентус обезбеди пласман во осминафиналето од клупскиот Мундијал бидејќи по две кола има максимални шест бода и гол-разлика 9-1. Дуелот против Манчестер Сити ќе одлучува за првото место во групата.