„Чичко Дончо сам си го (до)плати авио-билетот само за да нѐ мотивира пред куп-финалето!“

Директорот на Вардар, Миленко Неделковски, на денешниот брифинг со новинарите во Словенија, меѓу другото, ја потенцираше љубовта на Андон Дончевски кон Вардар.

Тој раскажа како легендарниот тренер дојде од далечна Австралија само за да ги мотивира фудбалерите на црвено-црните пред финалето од Купот на Македонија.

„Пред финалето од купот го повикав легендарниот Дончо да дојде од Австралија и да ги мотивира фудбалерите. Можевме да му платиме само економска класа на лет, но тој требаше да патува во бизнис класа бидејќи е човек во години и се движи во количка. Ако картата за економска класа е 1.500 евра, за бизнис класа е 6.000 евра. Му реков - чичко Дончо, јас не можам да оправдам сума од 6.000 евра за лет. Тој ми рече вие купете ми билет за бизнис класа, а јас сам ќе си ја платам разликата. Така направивме, ние му купивме билет за бизнис класа, чичко Дончо дојде, но парите кои тој требаше да ни ги пушти ги немаше на сметка. Поседе 20 дена во Македонија, по што се врати во Австралија и прво што направи таму отиде во банка да провери зошто парите не ни стигнале. Се покажа дека имал пуштено околу 100 евра повеќе од она што можело да се реализира преку таква трансакција. Па ни ги пушти парите на двапати. Затоа, огромна благодарност за Чичко Дончо, кој уште еднаш покажа колку го сака Вардар“, рече Неделковски.

Вардар во финалето од Купот на Македонија ја совлада Струга (2-0) и по 18 години повторно дојде до трофејот во ова натпреварување, со што се избори и за настап во квалификациите за Конференциската лига.