Босанчиќ и Закариќ ќе бидат регистрирани како „домашни“ фудбалери, Вардар добива големо засилување од Франција

Вардар полека го затвора преодниот рок, клубот го скрои тимот кој треба да атакува на двојната круна во домашното првенство, останува да се финализираат уште неколку нови засилувања кои веќе се најавени.

Вардар ќе потпише со Ибрахим Олаосебикан, нигериски офанзивец кој во минатата сезона го носеше дресот на Брера. Минатата сезона даде два гола и имаше четири асистенции во 28 одиграни натпревари. Станува збор за играч кој може да одговори на повеќе позиции.

Во клубот треба да пристигне засилување од Франција чиј идентитет засега не се открива. Од клубот само рекоа дека играчот во еден момент од кариерата има достигнато вредност и од 1,5 милиони евра на „Трансфермаркт“, а во минатото го носел дресот и на Мец. Овој трансфер треба да биде комплетиран во текот на следната недела.

Местото за странци ќе го ослободат Немања Босанчиќ и Горан Закариќ кои ќе бидат регистрирани како домашни фудбалери. Новото правило за играчи од „отворен Балкан“ дозволува двајца да бидат регистрирани на таков начин, па Босанчиќ и Закариќ од наредната сезона ќе бидат „домашни фудбалери“.

Местата за осум странци во Вардар ќе остане да ги држат Мислав Матиќ, Данел Донгмо, Роџерс Мато, Фаустин Сенгхор, Мануел Куестас, Диего Кастањеда, Ибрахим Олаосебикан и новото засилување од Франција кое допрва треба да пристигне.