Вардар ќе тргне со буџет од 3,5 милиони евра, а целта е - двојната круна!

Фудбалерите на Вардар во Раденци (Словенија), ги одржуваат подготовките за наредната сезона, каде што со новинарите брифинг одржа претседателот Миленко Неделковски кој информираше за актуелните моменти во клубот и амбициите за наредната сезона.

Неделковски вели дека клучниот дел по преземањето на клубот било да бидат вратени долговите и Вардар биде ставен на позитивна лента по која ќе се движи во иднина.

„Кога го преземавме клубот велеа дека Вардар должи 2,5 милиони евра, подоцна се покажа дека долгот е 5 милиони евра. Како ја завршувавме сезоната трошоците дојдоа до 7,5 милиони евра. Долговите се направени од сите кои го воделе клубот од Сергеј па додека го земавме. На крајот ние бевме единствен клуб кој завршната сметка ја пријави со добивка, имавме добивка од 250.000 евра, што не знам кога претходно се случило“, вели претседателот на Вардар, Миленко Неделковски.

Ова лето за дел од фудбалерите стигнале понуди, но клубот не планира лесно да се откаже од оние на кои смета тренерот Седлоски.

„Градиме сериозен тим кој ќе има високи амбиции. Ова лето ни стигнаа понуди за Мато, Талески и Матиќ. Партизан за Талески нудеше 100.000 евра, но ниту еден од играчите на кои сметаме не пуштивме. Мислиме дека сумите не се доволно високи за да се ослободиме од фудбалери на кои рачунаме“.

Вардар по 18 години го освои Купот на Македонија, а за наредната сезона амбициите се двојна круна на домашната сцена.

„Амбициите на Вардар за новата сезона се двојна круна и да го минеме тимот на Фиорита од Сан Марино. Потоа во Европа ни доаѓаат посериозни тимови како Лозана, со кои ќе се обидеме да се надигруваме, па добро би било да стигнеме и што подалеку“.

Клубот ќе има висок буџет, но дел од средствата одат за сервисирање на претходно договорените рати од долгот кон Управата за јавни приходи (УЈП).

„Буџетот за новата сезона ќе биде над 3,5 милиони евра, но сите овие пари не се за тековно функционирање на клубот, дел од нив одат и кон исплата на долгот кон УЈП на претходно договорените рати. Во овој буџет не се сместени и парите кои ќе ги добиеме од УЕФА за настапот во Европа, а за учество во првото коло само ќе заработиме 320.000 евра“.