
Пауновиќ си го врати долгот: Пред 24 години испадна, сега го врати Овиедо во Ла Лига
Тој беше играч на овој астуриски тим во 2001 година кога Овиедо испадна и до синоќа, повеќе не се врати во шпанската фудбалска елита. Пауновиќ тогаш, всушност, беше позајмен од Атлетико Мадрид, но подеднакво тешко како и другите фудбалери го прими неуспехот на тимот.
Од таа 2001 година, Овиедо помина низ секакви премрежија, играше во Третата лига на Шпанија, беше пред гаснење, но успеа да воскресне и да се врати во Ла Лига. Пред да испадне, клубот од Астурија „врза“ 13 сезони во елитната конкуренција и често одлучуваше за тоа кој ќе биде шампион. Меѓу другото, две сезони од својата играчка кариера (од 1995 до 1997 година) таму помина поранешниот македонски репрезентативец Митко Стојковски.
Пауновиќ беше назначен за тренер на 26 март годинава, кога до крајот на основниот дел во Сегунда имаше уште 10 кола. Оттогаш освои 24 од можните 30 бода и го освои третото место на табелата со два бода негатива во однос на второпласираниот Елче. Овиедо мораше да игра плејоф во кој прво ја елиминира Алмерија, а на крајот и Мирандес, на огромно задоволство на Пауновиќ.