Тренерот кој го закова нашиот Нено на клупа оди во пензија, ама – не доволно брзо!

Еден од најуспешните кошаркарски тренери во европската историја, Еторе Месина, објави дека ќе се повлече од тренерската кариера по завршувањето на следната сезона.

Познатиот италијански стратег ќе ја води екипата на Армани Милано уште една година, по што на неговото место ќе дојде Џузепе Поета – тренерот кој оваа сезона ја одведе Бреша до финалето на италијанската Серија А. Поета веќе од наредната сезона ќе биде дел од стручниот штаб на Милано, каде ќе ја извршува функцијата на прв асистент на Месина, во подготовка за целосното преземање на тимот.

Легендарниот стручњак не е многу омилен во нашата спортска јавност, со оглед на неговиот лош однос кон најдобриот македонски кошаркар, Ненад Димитријевиќ, кого прво буквално го закова на клупата на Милано, а потоа дури и го избрка на трибините. Популарниот Нено има уште една година од договорот со „манекените“, што значи дека нема да се офајди од пензионирањето на Италијанецот, па не му останува ништо освен да ја смени средината во текот на ова лето.

Месина е втор на вечната листа на најтрофејни тренери во Евролигата со четири титули – две со Виртус Болоња и две со ЦСКА Москва – дели позиција со Божидар Маљковиќ, Педро Фернандез и Александар Гомељски. Над нив е само Жељко Обрадовиќ со девет шампионски титули.