Флуминенсе со победа во луд-меч против Улсан обезбеди нокаут-фаза на СКП (ВИДЕО)

Бразилскиот Флуминенсе обезбеди значајна победа во ноќешната пресметка со јужнокорејскиот тим Улсан (4-2) во меч од второто коло од Светското клупско првенство (СКП), со што речиси сигурно си осигура место во осминафиналето.

„Кариоките“ на полувремето имаа негатива од 1-2, но потоа одиграа блескаво во вториот дел, во кој постигнаа три гола и ја потврдија својата класа со препознатлив офанзивен фудбал. Натпреварот започна со мајсторија на Џон Аријас, кој во 27. минута со прецизен слободен удар од 25 метри донесе водство за Флуминенсе. Но, корејскиот претставник не чекаше долго – десет минути подоцна, Ли Џин-Хјун израмни по асистенција на Ум Вонсанг, а токму Вонсанг во судиското продолжение погоди со глава за комплетен пресврт и водство на Улсан со 2-1 на паузата.

Бразилците во второто полувреме наметнаа висок ритам, па Густаво Нонато во 66. минута го искористи киксот на противничката одбрана и со прецизен удар го израмни резултатот. Само неколку минути подоцна, Хуан Фрејтес со ефектен удар од работ на шеснаесетникот донесе ново водство за Флуминенсе, а конечниот резултат го постави Маркос да Силва во 92. минута по контранапад.

Флуминенсе сега има четири бода по стартното реми со Борусија Дортмунд (0-0) и е на прагот на нокаут-фазата, со оглед што во последното коло му е доволен само бод во пресметката со Мамелоди за да обезбеди пласман понатаму. Улсан, пак, по овој пораз остана без шанси за продолжување на настапот на СКП. Во вториот ноќешен меч во ова натпреварување, Ривер плата и Монтерес одиграа без голови.

ФОТО: EPA PHOTO