
Интер со пресврт во финишот ја победи Урава и е на чекор од осминафиналето (ВИДЕО)
На „нераѕурите“ им беа потребни 25 шута за да постигнат два гола, а двата паднаа во последните минути од мечот. Урава водеше од 11. до 85. минута и беше на пат да направи огромна сензација.
Ватанабе на стартот погоди, по одличниот соло продор на Канеко, во првата посериозна акција на Урава на противничката половина. Интер потоа доминираше, се обидуваше да го пробие бедемот пред јапонскиот гол, но не успеа да ја затресе мрежата.
Тоа го направи Лаутаро Мартинез дури во 85. минута откако по еден корнер, атрактивно го совлада голот на Урава за израмнување на резултатот. Се чинеше дека мечот ќе заврши без победник кога во 92. минута, по неколку обиди на другите фудбалери, топката дојде до Карбони, а овој ја смести во голот на противничкиот тим.
Ова воедно беше прва победа на официјален натпревар на новиот тренер на Интер, Кристијан Киву, а Интер, во пресрет на дуелот меѓу Ривер Плата и Монтереј, застана на првото место на табелата.