Сезона сведена на еден меч: Индијана против Оклахома – кој и да победи ќе влезе во историјата!

Во ноќта помеѓу недела и понеделник, во 2 часот по полноќ по македонско време, ќе се одигра „мајсторката“ од големото НБА финале помеѓу Оклахома сити тандер и Индијана пејсерс од која кој и да излезе како победник ќе влезе во – историјата.

Домаќин на одлучувачкиот седми натпревар е Оклахома, најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната со импресивни 68 победи во 82 натпревари. Наспроти нив е Индијана, четвртиот тим од Источната конференција, кој до финалето стигна со 50 победи во регуларниот дел. Дуел кој малкумина го очекуваа во финалето, во кое ги нема традиционалните фаворити и кое ќе донесе и нов шампион. Без разлика кој ќе победи на крајот, за него тоа ќе биде прва НБА титула.

„Громовите“ се надеваат на првиот шампионски прстен откако франшизата беше преселена од Сиетл во 2008 година. Последен пат играа во големото финале во 2012 година, кога беа поразени од Мајами хит предводен од Леброн Џејмс. Оклахома сезонава на патот до финалето ги елиминираа Мемфис (4-0), Денвер (4-3) и Минесота (4-1).

„Пејсерси“, пак, ќе се обидат да направат „сефте“ во првото финале по 24 години – последниот настап им беше во 2000 година кога загубија од ЛА Лејкерс по шест натпревари. Под водство на тренерот Рик Карлајл, Индијана сезонава во плејофот беа подобри од Милвоки (4-1), Кливленд (4-1) и Њујорк (4-2), но имаа предност на домашен терен само во серијата од првата рунда.

Доколку победи Оклахома, ќе стане првиот тим по Бостон во 2008 и Мајами во 2013 што ја освоил титулата откако одиграл две серии со максимални седум меча во истото плејоф издание. Индијана, од друга страна, има шанса да стане најниско рангираниот тим (4. на Истокот) кој станал шампион уште од Хјустон во 1995 година, кога „ракетите“ дојдоа до титулата од шестата позиција на Западот.

ФОТО: EPA PHOTO