Нема веќе милост: Кој удри фудбалски судија ќе заврши во – затвор!

Италија воведе нови законски измени со кои фудбалските судии добиваат статус на службени лица, со што секое насилство или закана кон нив ќе се третира како напад врз полициски или други државни службеници.

Новите одредби веќе стапија на сила од изминатиот викенд. Ова значи дека секое физичко насилство – без разлика дали станува збор за туркање, удирање или дури и вербални закани – може да резултира со затворска казна за сторителот.

„Спортот треба да биде симбол на лојалност и почит. Оние што не ги прифаќаат тие вредности мора да знаат – насилството кон судии ќе биде санкционирано строго и веднаш, дури и со затвор“, порача италијанскиот заменик-министерот за правда, Андреа Остелари.

Иницијативата за овие законски измени доаѓа по долг период на ескалација на инциденти, особено во аматерските и пониските лиги, каде судиите сè почесто се соочуваа со вербални и физички напади. Италијанската судиска заедница со месеци бараше системски промени и поединечно и колективно алармираше за сериозноста на проблемот – а властите конечно одговорија.