Луда одлука на ФСС: Србија ќе ја пречека Англија на стадионче со капацитет од 8.000 места

Политичката тензија што се случува во Србија последните месеци најмногу се одразува на фудбалската репрезентација, пред се поради поддршката која селекторот Драган Стојковиќ му ја дава на актуелниот режим.

Фудбалскиот сојуз буквално бега од Белград и најчесто натпреварите на националниот тим ги организира во внатрешноста, па најверојатно така ќе биде против Англија, во квалификацискиот натпревар што е закажан за 9 сепември. Иако уште не е официјално, дуелот против актуелниот европски вицешампион ќе се игра во Лесковац, на стадионот Дубочица кој е отворен пред неколку години, но е со мал капацитет - нешто повеќе од 8.000 места.

Без разлика на ситуацијата во државата, нејасно е како, при стадионите во Белград кои примаат над 35 илјади посетители, Србија одлучи против една од најсилните светски репрезентации да игра на 250 километри од главниот град, на мал објект. Дури и против Шпанија и Австрија се играше на „Маракана“, против Австрија и во ситуација кога беа почнати протестите против режимот.

Србија и против Андора во јуни ќе игра во Лесковац, но тоа и не е толкава сензација бидејќи селекцијата на малата пиринејска држава секако не може да ги наполни стадионите во Белград.