Куманово направи брејк за прв чекор кон бронзата

Екипата на МКК Куманово го победи Работнички како гостин со 79-74 во првиот натпревар од серијата за третото место во македонското кошаркарско првенство.

Со тоа кумановци направија брејк и можат веќе в четврток да стават крај на сезоната, а со тоа и да обезбедат виза за АБА 2 лигата, доколку се заинтересирани за настап во регионалното натпреварување. Работнички го диктираше темпото во најголемиот дел од натпреварот, во втората четвртина имаше највисоки +10 (38-28), но не издржа до крајот.

Победникот се одлучуваше во последните три минути. По водството на Работнички со 70-69, МКК Куманово постигна пет поени по ред, Шошкиќ го одржа својот тим во игра со кош и две слободни фрлања, но клучната тројка ја погоди Лука Петровиќ на 51 секунда со која ги однесе гоститее на 78-74. Работнички не го искористи следниот напад и Луковиќ потоа стави точка на сите дилеми.

Тадиќ беше најефикасен кај победничкиот тим со 18 поени, но најдобар играч беше Луковиќ со 15 поени и 14 скока. Рош со 15 поени го предводеше Работнички.