
„Менаџерите на Винисиус лажат дека има саудиска понуда за да извлечат повеќе пари од Реал“
Според најтиражниот спортски весник во Шпанија, менаџерската агенција која го застапува Винисиус, наводно измислила дека има понуда од Саудиска Арабија со цел да извлече повеќе пари од Реал. За „фантомската понуда“, како што ја нарекува Марка, се зборува една година наназад и таа изнесуваше 400 милиони евра за Реал и плата од една милијарда за Винисиус во период пет години.
Марка тврди дека таква понуда досега не е стигната до Реал што може да се заклучи и од тоа што во ниеден момент не беше објавено името на клубот кој е заинтересиран за Винисиус. Познато е дека таму трансферите одат преку националниот инвестициски фонд (ПИФ), но во случаите со Роналдо, Бензема, Нејма, Мане... однапред беше познато со кого преговараат и каде ќе играат.
Информацијата дека Винисиус има понуда од Саудиска Арабија се рефлектира на неговите преговори со Реал. Бразилецот бара годишна нето плата од 30 милиони евра, но мадридскиот клуб не сака да оди над 20 милиони. Моменталната плата на крилниот фудбалер изнесува 17 милиони евра по договорот кој беше потпишан во 2022 година.