
Одбојкарите ги стартуваат подготовките, Миленковски ќе ги има сите на број!
Селекторот Јошко Миленковски повика 16 репрезентативци, сите ќе бидат присутни на првиот тренинг кој ќе се одржи истиот ден во попладневните часови.
Според планот репрезентацијата една недела ќе тренира во салата „Парк“ во Струмица, а потоа патува за Марибор каде на 24 и 25 мај ќе одигра пријателски двомеч со селекцијата на Хрватска, како проверка на силата во пресрет на натпреварите од Златната Европската лига.
Во годинешното издание на ЦЕВ Златната Европска лига ќе учествуваат 12-те национални тима каде покрај Македонија ќе се натпреваруваат и Чешка, Португалија, Романија, Финска, Хрватска, Грција, Шпанија, Летонија, Словачка, Црна Гора и Израел. Како и во претходното издание така и во ова ќе се игра според т.н. „швајцарски систем“ односно во три турнири, а секоја репрезентација ќе биде домаќин на по еден турнир.
Првиот турнир Македонија ќе го игра викендот од 6 до 8 јуни во Братислава, Словачка каде ќе играме против домаќинот и селекцијата на Финска. Вториот турнир одбојкарите го играат една недела подоцна од 13 до 15 јуни во Рига против Летонија и Грција. Македонија ќе биде домаќин на еден од трите турнири во третиот викенд од годинешното издание, кога од 20 до 22 јуни во салата „Парк“ во Струмица, ќе ги пречека Црна Гора и Израел.
По комплетирањето на турнирите ќе биде формирана заедничка табела на која првите четири најдобро пласирани селекции ќе изборат учество на финалниот турнир, кој ќе се одржи на 5 и 6 јули во Брно, Чешка.
Машката А репрезентација од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.