(ВИДЕО) Денвер не го искористи одличниот Јокиќ, Оклахома на чекор од финалето на Западот

Најдобриот тим во НБА лигата по основниот дел од сезоната, Оклахома славеше со 112-105 и поведе со 3-2 во полуфиналето на Западната конференција.

Местото во финалето ќе може да го завери веќе утре вечер во Денвер, а ако не успее, ќе има уште една шанса во евентуалната „мајсторка“ на домашен терен. Оклахома стигна до победата благодарение на одличната последна четвртина откако претходно гостите го диктираа темпото речиси цел натпревар. Во втората четвртина имаа водство и од 11 разлика (56-45), но Оклахома се доближи на само два разлика на голем одмор (54-56). Слично беше и во третиот период, по тројката на Мареј, Нагетс отидоа на +12 (80-68), а по три четвртини игра беше 86-78 за гостинскиот тим.

Сепак, она што го градеа три четвртини, кошаркарите на Денвер го уништија во последната. Се разигра Лу Дорт кој постигна три тројки по ред, не успеа тактиката на Аделман да го провоцира неговиот шут, а кога се разигра и Гилџес Александер, Оклахома веќе водеше со 103-100 на две минути пред крајот. Јокиќ за момент го врати Денвер во игра, но Тандер кога веќе тргна во напад, не можеше да застане и заслужено стигна до третата победа во серијата.

Не беа доволни 44 поени и 15 скока на Никола Јокиќ кој за разлика од претходните дуели, сега имаше и добар шут (17/25) со пет тројки од седум обиди и имаше само две изгубени топки, наспроти осумте на четвртиот меч. Мареј долго време го следеше, но во последната четвртина тотално згасна и од игра имаше 3/13, а изостана помошта од останатите кошаркари. Шеј Гилџес Александер остана стандарден, постигна 31 поен со шест скока и седум асистенции, а Џејлен Вилијамс додаде 18 поени за победничката екипа.

Додека во Западната конференција трае драмата меѓу Оклахома и Денвер, НБА го доби првиот учесник во финалето на Источната конференција.

Тоа е Индијана Пејсерс која во пет меча го елиминира најдобриот на Истокот по основниот дел на сезоната - Кливленд Кавалирс. Ноќеска, Индијана по голем пресврт славеше со 114-105 и ќе го очекуваат својот противник во финалето, а тоа ќе биде Њујорк или Бостон (во моментов е 3-1 за Никс).

фото: EPA PHOTO